Мозочниот удар сè повеќе ги погодува младите луѓе. Ова се симптомите што не треба да ги игнорирате
Мозочниот удар често се поврзува со староста, но сè повеќе млади луѓе се соочуваат и со дијагнозата. Иако инциденцата на мозочен удар кај постарите лица се намалува во некои земји, истражувањата покажуваат зголемување на бројот на случаи кај помладите возрасни, пишува „Индипендент“ .
Голем дел од ризикот е поврзан со фактори на кои можеме да влијаеме. Меѓу најважните се високиот крвен притисок, високиот холестерол, пушењето, физичката неактивност, нездравата исхрана, дебелината и дијабетесот. Одредени срцеви заболувања, како и прекумерната консумација на алкохол и употребата на нелегални дроги, исто така го зголемуваат ризикот.
Високиот крвен притисок е особено важен фактор на ризик бидејќи често не предизвикува никакви симптоми, поради што многу луѓе дури и не знаат дека го имаат. Високиот шеќер во крвта и холестеролот се исто така проблеми, кои можат да останат неоткриени или недоволно третирани со години.
Сепак, не сите мозочни удари кај младите луѓе се поврзани со познати фактори на ризик. Во некои случаи, лекарите не се во можност да идентификуваат јасна причина, па затоа се испитуваат други можни врски, вклучувајќи автоимуни болести и загадување на воздухот.
Знаци што младите често ги игнорираат
Мозочниот удар кај помладите луѓе може да биде потежок за препознавање, делумно затоа што не е очекуван на таа возраст. Симптомите понекогаш погрешно се припишуваат на мигрена, замор, мамурлак или проблеми со внатрешното уво.
Најчестите знаци се спуштен агол на устата, слабост или парализа на едната рака и тешкотии или нејасен говор. Сепак, мозочниот удар може да предизвика и ненадејна вртоглавица, губење на рамнотежа, проблеми со видот, силна главоболка или болка во вратот.
Симптомите зависат од тоа кој дел од мозокот е зафатен, па затоа може да не изгледаат сите исто. Важно е да се реагира дури и ако симптомите се повлечат по неколку минути, бидејќи тоа може да укажува на транзиторен исхемичен напад, познат и како мини-мозочен удар, што е предупредувачки знак за зголемен ризик од целосен мозочен удар.
Доколку се сомневате на мозочен удар, веднаш јавете се на 194 или 112 за итна помош. Не чекајте симптомите да поминат. Некои методи на лекување, како што е употребата на лекови за растворање на згрутчувања на крвта, можат да се применат само во одреден временски период, обично до четири и пол часа по појавата на симптомите, а брзината на одговорот може значително да влијае на исходот од третманот.
Како да се намали ризикот?
Некои мозочни удари може да се спречат со контролирање на факторите на ризик за здравјето и усвојување на поздрави навики во животниот стил. Важно е редовно да го проверувате крвниот притисок и периодично да ги проверувате нивоата на шеќер во крвта и холестерол. Ова е особено важно ако имате прекумерна тежина или имате семејна историја на срцеви и васкуларни заболувања.
Се препорачува да се откажете од пушењето, да избегнувате нелегални дроги и да го ограничите консумирањето алкохол. Исхраната треба да биде разновидна, со помалку сол и повеќе зеленчук, овошје и храна богата со растителни влакна.
Редовната физичка активност е исто така важна. На возрасните им се препорачува да прават најмалку 150 минути умерена активност неделно, како што се брзо одење или возење велосипед. Стресот и квалитетниот одмор исто така треба да се земат предвид. Мозочниот удар не ги погодува само постарите лица. Препознавањето на симптомите, навременото пријавување кај лекар и контролата на факторите на ризик се важни на која било возраст.








