Иако концептот на емоционална интелигенција е релативно млад, во последните дваесет години оваа тема беше интересна за голем број експерти од областа на психологијата и медицината.
Што е тоа емоционална интелигенција?
Според психолошките дефиниции, емоционалната интелигенција е способност да се разберат и да се одговори на емоциите, и многумина сметаат дека е поважна дури и од самиот IQ, особено кога станува збор за работата. Вообичаено е верувањето дека луѓето со добро развиена емоционална интелигенција се поуспешни од оние со помалку развиена.
Постојат четири нивоа на емоционална интелигенција: перцепција на емоции, можност рационално да ги користите, разбирање и управување со емоциите. Тоа исто така вклучува познавање на сопствените чувства, мотивирање на себеси, контролирање на интензитетот на чувствата, препознавање емоции кај другите луѓе и воспоставување и одржување на здрави односи со други луѓе.
И покрај фактот дека станува збор за релативно нов концепт, (дефиниран е во 1990 година), тој беше брзо прифатен од пошироката јавност затоа што објаснува некои секојдневни ситуации, зошто, на пример, некое лице е омилено во општеството или зошто некој одлично се снаоѓа во различни задачи или ситуации. Емоционалната интелигенција исто така вклучува и можност за препознавање и управување со туѓите емоции.
Родителите нè учат од рана возраст како да стекнуваме пријатели, самодоверба, како да работиме заедно во група, да ги исполнуваме обврските, да сочувствуваме со другите и да ги решаваме конфликтите. Токму овие вредности, научени во детството, се клучни за правилен развој на емоционалната интелигенција, која е неопходна за секојдневно функционирање со други луѓе.