Мозолчиња што се јавуваат околу очите: Само не ги допирајте
Иако можеби сте во искушение да го сторите тоа, обидот сами да ги отстраните не е воопшто паметна идеја
Многу често се појавуваат мали бели испакнатини на кожата на лицето, особено околу очите. Многумина погрешно мислат дека се работи за некакви мозолчиња или акни, но нивниот состав е различен и треба поинаку да се третираат. Нивното име веројатно не ви звучи познато, но овие мали бели точки во медицинската терминологија се нарекуваат милија.
Милиите се мали испакнатини кои се појавуваат под горниот слој на кожата (епидермисот) до веѓите, околу очите и носот или на брадата и образите. Овие бели или жолтеникави цисти понекогаш се појавуваат во групи и можат да влијаат на поголемиот дел од кожата на лицето.
Што ги предизвикува?
Милиите се развиваат кога мртвите клетки на кожата или кератинот ќе се заробат под површината на кожата. Зошто тоа се случува не е јасно утврдено, но не е исто како и акните кои обично се предизвикани од хормони.
Милиите не се болни, не оставаат лузни и често исчезнуваат сами од себе. Поради овие причини, третманот со милија често е непотребен. Кај новороденчињата, тие обично исчезнуваат во рок од неколку дена. Примарната милија кај адолесцентите или возрасните може да исчезне во рок од неколку недели или месеци и ретко да опстојува долго време.
Како да се ослободите од нив?
Во повеќето случаи, милиите не се сериозен проблем и сами ќе исчезнат. Иако можеби сте во искушение да го сторите тоа, обидот сами да ги отстраните не е воопшто паметна идеја. Ако се обидете да ги исцедите, ќе се разочарате кога ќе откриете дека не работи со милиите, а единствено што ќе добиете е црвенило и иритација на местото каде што сте ги стегнале, со можност за инфекција, па дури и трајно лузна. Иако не постои специфичен третман за милија, има некои работи што можете да ги направите за да ги спречите или да го забрзате нивното решавање:
- Секојдневно чистете ја површината на кожата со милија со благ сапун.
- Попарете го лицето за да ги отворите порите.
- Правете пилинг 2 до 3 пати неделно.
- Избегнувајте прекумерно изложување на сонце и секогаш носете производ со заштитен фактор на кожата.
- Избегнувајте креми за мрсна кожа или производи на база на масло. Иако навистина нема причина итно да се ослободите од милија, некои луѓе тоа го сакаат од чисто естетски причини. Во овој случај, дерматолог може да помогне и да ги отстрани со едноставна процедура која не бара анестезија и се изведува со стерилна игла.