ВО АПРИЛ И МАЈ Е НЕГОВОТО ВРЕМЕ: Домашен сируп од глуварче, лековита суперхрана за која не треба да потрошите ни денар
Глуварчињата наскоро се во сезона. Најдете ливада далеку од сообраќаен хаос и загадување, соберете ги нивните цветови и стебла и подгответе домашен сируп против кашлица и многу други болести.
Глуварчето е исклучително здраво диво растение од семејството Asteraceae, кое е богато со витамини А и Ц како и со калциум, калиум и натриум. Тоа е многу лековито растение кое ја поттикнува работата на бубрезите, црниот дроб и дигестивниот систем, го намалува холестеролот, ја зајакнува крвта, помага при алергии.
Расте на ливади со умерена и студена клима, а може да се користи од коренот до цветовите. Од неговите корени најчесто се подготвува чај кој помага при дигестивни проблеми, а пиењето се препорачува и за луѓето кои боледуваат од дијабетес.
Се смета дека стебленцата на глуварчето го чистат организмот бидејќи го регулираат метаболизмот, ја прочистуваат крвта и желудникот.
Најпознати се затоа што помагаат да се реши проблемот со вирусните брадавици. „Млекото“ од средината на стеблото треба да се намачка на брадавицата додека не се исуши и падне.
Раните пролетни листови од глуварче се користат за подготовка на салати и чорби, а се препорачуваат за трудници, доилки и жени во менопауза. Цветовите на глуварчето се исто така за јадење, а најдобро се берат напладне кога се најотворени.
Сирупот или „медот“ најчесто се подготвува од цветови од глуварче, кој може да се додаде во разни деликатеси или да се пие самостојно како лек, односно пред се како сируп против кашлица за деца.
Состојки за сируп од глуварче:
200 грама цветови од глуварче заедно со стеблото
2 лимони
1,5 литри топла вода
1 кг шеќер
Подготовка на сируп од глуварче:
- Стеблата и цветовите на глуварчето исечкајте ги и прелијте ги со топла вода.
- Додадете лимон исечен на кришки или исцеден сок од лимон и сè заедно гответе на тивок оган околу половина час.
- Процедете ја течноста, додадете шеќер и варете уште 15 минути.
- Топлиот сируп истурете го во претходно стерилизирани стаклени шишиња или тегли и внимателно покријте го. Да се чува на темно и ладно место.